ЗА УПРАВАТА

Преку професионалност и транспарентност обезбедуваме доверба и сигурност.

Мисија

Да обезбедиме висок квалитет на услуги за даночните обврзници, поедноставени даночни постапки за навремено и точно исполнување на обврските и праведно и ефикасно собирање на даноците и на другите јавни давачки.

Визија

Управата за јавни приходи да стане модел за професионална организација препознатлива според најдобрите практики и стандардите за квалитет.

Профил на Управа за јавни приходи

Правната рамка за работењето на УЈП, општото даночно право и даночната управна постапка се дефинирани во два акта – Законот за Управата за јавни приходи и Законот за даночна постапка.

Законот за Управата за јавни приходи, кој е донесен во Септември 2005 година, а потоа дополнуван, како и новиот Закон за УЈП кој е донесен во Март 2014 година, претставува правна рамка која го одредува делокругот, начинот на финансирање, организацијата и раководењето, како и должностите, овластувањата, одговорностите, но и правата на вработените при собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоците во врска со работите на УЈП.
Со Законот од месец Март 2014 година, се воведе класификација на сите работни места со што се утврдија различните нивоа на работни места и звања на даночните службеници и потребните квалификации и компетенции за нив. Со овој закон е воведен “интерниот конкурс“ како начин на остварување на унапредувањата и регулиран е начинот на оценување на вработените, доделувањето на награди и признанија, дисциплинската одговорност и следењето на напредокот во нивната кариера.

Со Законот за даночна постапка донесен во Јануари 2006 година и со измените и дополнувањата во следните години, на единствен начин се регулира: општото даночно право, постапката на утврдување на данокот, постапката на контрола, постапката на наплата на јавните приходи, правата и обврските на даночните обврзници, постапката по жалба, водењето на прекршочната постапка и прекршочните одредби.

Со наведената правна рамка се обезбедува можност за засилување на административниот капацитет за спроведување на законодавството и за борба против одбегнување на плаќање даноци.

Финансирањето на УЈП се обезбедува од:

  • Буџетот на Република Северна Македонија
  • Приходи од склучени договори за вршење на контрола и наплата на јавни давачки
  • 25% од приходите од откриени и наплатени даноци и камати
  • Други приходи утврдени со пропис

Управата за јавни приходи функционира единствено на територијата на Република Северна Македонија.
Врз основа на Законот за Управата за јавни приходи, ги извршува управните и други стручни работи кои се однесуваат на делокругот на нејзиното работење, како и работи кои произлегуваат од посебните даночни закони. Управата за јавни приходи оперативно ја спроведува даночната политика, го води единствениот даночен регистар и даночните евиденции на даночните обврзници, прима даночни пријави, ги утврдува, врши наплата и поврат на даноци, социјални придонеси од плата и други јавни давачки, врши инспекциски надзор, им дава помош на даночните обврзници за исполнување на нивните даночни обврски, го следи и анализира функционирањето на даночниот систем и дава предлози за негово унапредување, соработува со даночни органи од други држави и дава меѓународна правна помош во даночни предмети.
Во изминатите години, надлежностите на Управата за јавни приходи се проширени со работите кои се однесуваат на управувањето и извршувањето заради наплата на парични казни и трошоци изречени во парнични, прекршочни и управни постапки во корист на Република Северна Македонија, на утврдувањето и наплатата на други јавни давачки доверени со закон или по склучен договор со надоместок кој е приход на Република Северна Македонија, на надзор над примена на Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам и постапки кои произлегуваат од Законот за минералните суровини.

Управата за јавни приходи е орган на државната управа во состав на Министерството за финансии со својство на правно лице. Со состојба на 31.12.2023 година, бројот на вработените лица во УЈП изнесува 997.

Од 12 февруари 2024 година, овозможено со измените актите за внатрешна организација и за систематизација на работните места во УЈП, работите од делокругот на Управата за јавни приходи се вршат преку:

  • Генерална дирекција Скопје;
  • Дирекција за големи даночни обврзници;
  • Регионални дирекции (6) – лоцирани во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово, Штип и Струмица;
  • Даночни одделенија (24) – лоцирани во Охрид, Струга, Ресен, Демир Хисар, Кавадарци, Велес, Неготино, Македонски Брод, Крушево, Гостивар, Кичево, Дебар, Куманово, Крива Паланка, Кочани, Виница, Свети Николе, Кратово, Делчево, Пробиштип, Берово, Гевгелија, Радовиш и Валандово;
  • Мобилни даночни шалтери кои ги опслужуваат останатите општини каде не постои финансиско оправдување за нивно постојано лоцирање.

Управата за јавни приходи ги постави следните стратешки приоритети („4Д”) и цели за периодот 2025-2027 година:

ПРИОРИТЕТ I : ДАНОЧНА АДМИНИСТРАЦИЈА
ПРОГРАМА I.1. СИЛНА АДМИНИСТРАЦИЈА – ЗДРАВА КОНДИЦИЈА
Цел: Зајакнување на административниот капацитет на Управата за јавни приходи, преку зајакнување на човечкиот капитал, подобро институционално управување и поефикасна внатрешна организација.

ПРИОРИТЕТ II: ДАНОЧНИ ОБВРЗНИЦИ
ПРОГРАМА II.1. КООПЕРАТИВНО КОН ЗАЕДНИЧКАТА ЦЕЛ
Цел: Позитивно влијание кое ќе води кон даночна усогласеност, преку посилна соработка помеѓу УЈП и даночните обврзници, подобрена транспарентност и доверба во даночната администрација.

ПРИОРИТЕТ III: ДАНОЧНИ ПРИХОДИ
ПРОГРАМА III.1. ИНТЕГРИРАНА УСОГЛАСЕНОСТ
Цел: Зајакнување на даночната усогласеност и мобилизација на даночните приходи, преку поедноставни и поефикасни процеси и услуги кои нема да создаваат административен товар и прилагодени пристапи кон клучните даночни обврзници.
ПРОГРАМА III.2. ДОСЛЕДНА БОРБА ПРОТИВ ДАНОЧНАТА ЕВАЗИЈА И СИВАТА ЕКОНОМИЈА
Цел: Намалување на даночната евазија и сивата економија, преку унапредување на механизмите за рано детектирање на неправилности, превентивно делување и доследна примена на мерките за принудно усогласување и санкции.

ПРИОРИТЕТ IV: ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА
ПРОГРАМА IV.1. ТРАНЗИЦИЈА ВО ДИГИТАЛНИОТ СВЕТ
Цел: Преку дигитализирање на сите функции на УЈП, со примена на модерна информациска и комуникациска технологија и обезбедување на сигурен и безбеден информациски систем, УЈП да се трансформира во флексибилна, ефикасна, ефективна и сервисно ориентирана даночна администрација.

Оваа политика на приватност дава општи информации за обработката на лични податоци кога ја користите Апликацијата “МОЈ ДДВ”. Ги собираме само оние лични податоци кои се неопходни да ги оствариме нашите законски задачи и овластувања. Личните податоци се обработуваат во согласност со начелата од Законот за заштита на лични податоци („Службен весник на Република Северна Македонија“, бр.42/20).

Контролор на збирки на лични податоци

Контролор на личните податоци е Управата зајавни приходи (во натамошниот текст:УЈП), со седиште на бул. Кузман Јосифовски Питу бр.1, Скопје, Република Северна Македонија.
УЈП е државен орган во состав на Министерството за финансии со својство на правно лице. (Закон за Управа за јавни приходи „Службен весник на РМ“, бр.43/14…„Службен весник на РСМ“, бр.07/19).

Со Законот за враќање на дел од ДДВ на физички лица („Службен весник на РСМ“, бр.133/19…244/20) се регулира правото на враќање на дел од данокот на додадена вредност искажан во фискалните сметки на физичките лица. Правото на враќање на данокот се остварува со пријавување на податоците од бар кодот на фискалната сметка преку апликативен софтвер (МојДДВ) за оваа намена на Управата за јавни приходи.

Чии податоци собираме

Управата за јавни приходи, обработува податоци за корисници на апликацијата МОЈДДВ:

  • Секој корисник на апликацијата МОЈДДВ треба да биде регистриран корисник на системот е-ПДД. За регистрацијата на системот е-ПДД, корисникот поднесува барање за регистрација во Управата за јавни приходи. Дополнително, преку апликацијата МoЈДДВ, внесува податок за трансакциска сметка, како неопходен податок за реализација на повратот на МoЈДДВ.

Категориите на корисници на лични податоци

Не споделуваме податоци за Вас и/или за Вашата посета на https://mojddv.ujp.gov.mk, на трети лица, освен во следните случаи:

  • Во случај на ангажирање на даватели на услуги ако УЈП ги ангажира како обработувачи со што ќе бидат обврзани да постапуваат по упатствата на УЈП и обезбедат заштита на личните податоци кои се обработуваат при обезбедувањето на тие услуги.
  • По барање на суд, полиција или други органи и тела за вршење на нивните надлежности и само ако постои законски основ за тоа.

Време на чување на собраните податоци

Податоците кои ги собираме се чуваат во согласност со закон и периодот потребен за постигнување на целта на обработката и се утврдени во (прегледот) со рокови на чување на личните податоци на УЈП.

Кои се Вашите права?

Вашите права во однос на обработката на лични податоци се:

  • право да бидете информирани за обработката на личните податоци
  • право на пристап до личните податоци
  • право на исправка и бришење на личните податоци
  • право на ограничување на обработката на личните податоци
  • право на приговор

За дополнителни информации и/или остварување на Вашите права за заштита на лични податоци, можете да го контактирате нашиот офицер за заштита на лични податоци Марија Чадиковска на следниов e-mail: marija.chadikovska@ujp.gov.mk

Директор на Управата за јавни приходи

──────────   м-р ЕЛЕНА ПЕТРОВА

Официјален е-маилElena.Petrova@ujp.gov.mk

Scroll to Top