Во делот на плаќање даноци можете да ги најдете потребните информации за:
- Постапки за издавање на уверенија и потврди
- Даночни стапки за одделните видови даноци
- Уплатните сметки по тип на приход, давачка и општина на обврзникот
- Годишното лично ослободување што го остварува обврзникот на персонален данок на доход при годишно пресметување на данокот на доход
- Даночното ослободување кај одделните видови даноци
- Меѓународно оданочување – Даночни стапки и Договори за одбегнување на двојното оданочување
Изберете ја соодветната категорија во подменито.
Одлагање на плаќањето на даночен долг
Одлагање на плаќањето на даночен долг е постапка за доброволно исполнување на обврската за плаќање на доспеан неплатен даночен долг, при што на должникот му се овозможува олеснување на плаќањето на долгот.
Олеснување на плаќањето
При одлагање на плаќањето на даночен долг на должникот му се олеснува плаќањето преку:
- неспроведување (прекинување или незапочнување) на постапка за присилна наплата на долгот и
- исплата на долгот во најмногу 36 еднакви месечни рати или еднократно одлагање на плаќањето на даночниот долг најмногу до шест месеци.
Причини за одлагање на плаќањето
Должникот може да бара одложено плаќање на даночниот долг заради следните причини:
- извршувањето на даночните обврски би го нарушило неговото деловно работење
- извршувањето на даночните обврски му претставува значително оптоварување и/или
- со плаќањето му се нанесува битна штета.
Услови за одлагање на плаќањето
- Управата за јавни приходи, ќе го одложи плаќањето на даночниот долг имајќи ги предвид редовноста на даночниот должник при исполнувањето на даночните обврски, видот и обемот на штетата на даночниот обврзник која би настанала од извршувањето на даночниот управен акт, односно од нарушувањето на процесот на неговото деловно работење.
- Одложеното плаќање е условено со гаранција за обезбедување на плаќањето.
- Условите утврдени во даночното решение за број, износ и рок за плаќање на месечната рата, односно рок за плаќање при еднократното одлагањена плаќањето, се обврзувачки за должникот.
- За времетраење на одложеното плаќање се пресметува камата согласно закон.
Други олеснувања на плаќањето
За времетраење на одложеното плаќање на даночен долг, должникот може да поднесе барање за:
- промена на бројот на преостанати рати
- замена на гаранцијата по вид или по висина
- засметување на новодоспеан долг во одобреното одложено плаќање, без или со нова гаранција за обезбедување на плаќањето.
Плаќање од трето лице
Законски основ
Согласно член 24 од Законот за даночна постапка, со плаќање на даночен износ кој што се должи се исполнува даночниот долг, а плаќање во оваа смисла може да биде и плаќање од страна на трети лица.
Уплатата од трето лице за сметка на даночниот обврзник е предмет на договор меѓу даночниот обврзник и третото лице. УЈП нема никаков правен однос со третото лице и не склучува никаков договор со даночниот обврзник и третото лице. Третото лице не е учесник во даночната постапка.
Постапка за уплата на данок на личен доход (ДЛД) од страна на трето лице
Во случаите кога уплатата на даночната обврска за ДЛД се врши со налог ПП53 кој го издава УЈП преку системот е-Персонален врз основа на прифатена е-ПДД пресметка или ДЛД-ГДП пријава, за да се реализира уплатата од трето лице преку системот е-Персонален даночниот обврзник треба во самиот систем да изврши промена на налогодавачот, така што во веќе генерираниот налог ПП53 како налогодавач ќе го внесе третото лице наместо даночниот обврзник.
Доколку налогот ПП53 вклучува и нето доход кој даночниот обврзник како исплатувач треба да го исплати на примател/и на доход, со промената на налогодавачот во налогот ПП53, третото лице како нов налогодавач ќе изврши уплата на целиот износ од налогот ПП53 (нето доход и ДЛД), бидејќи налогот ПП53 е неделлив во извршувањето.
Даночниот обврзник и третото лице немаат никакви други обврски спрема УЈП. Извршената уплата од страна на третото лице системот е-Персонален ќе ја препознае по фолио бројот на налогот ПП53 и ќе ја прифати за затворање на обврската по е-ПДД или ДЛД-ГДП на даночниот обврзник.
Напомени: Кога се работи за налог ПП53 издаден на даночен обврзник-физичко лице (на ЕМБГ) за уплата на ДЛД за доход од вршење на дејност кој се оданочува паушално, односно за уплата на уплатната сметка 840-ХХХ-01578 приходна шифра 711135, уплатата може да се изврши од трансакциската сметка која ја има физичкото лице како вршител на дејност (на ЕДБ). Ваквата уплата не се смета како уплата од трето лице во смисла на член 24 од ЗДП.
Постапка за уплата по МПИН, односно исплата на бруто плата од страна на трето лице
Од страна на трето лице може да се изврши уплата по генерираниот налог ПП53 издаден од УЈП по прифатена МПИН, односно третото лице може да ја изврши исплатата на бруто платата по прифатена МПИН поднесена од обврзникот за пресметка и уплата на придонесите/работодавач. Во налогот ПП53 треба да се изврши промена на налогодавачот како кога се врши уплата по е-ПДД пресметка. Единствена разлика во постапката за промена на налогодавачот е тоа што даночниот обврзник треба да побара промената да се изврши од страна на УЈП, за што услуга може да добие на било кој шалтер на УЈП со презентирање на декларацијата по МПИН и договорот склучен со третото лице.
Извршената уплата од страна на третото лице системот за интегрирана наплата во УЈП ќе ја препознае по фолио бројот на налогот ПП53 и таа уплата ќе ја прифати за затворање на обврската по МПИН на даночниот обврзник.
Постапка за уплата данок од страна на трето лице во други случаи
Во сите други случаи кога уплатата на даночната обврска не се врши со налог ПП53 издаден од страна на УЈП, третото лице ја врши уплатата со пропишаниот платен инструмент ПП50 согласно барањата и насоките (уплатна сметка, износ и др.) од даночниот обврзник за чија сметка се однесува уплатата. По извршената уплата, даночниот обврзник и третото лице треба да го поднесат нивниот меѓусебен договор во надлежната регионална дирекција/даночно одделение на УЈП, врз основа на што во УЈП уплатата ќе се евидентира кај даночниот обврзник. Договорот треба да содржи податоци за даночната обврска за која се однесува уплатата (број и датум на документ – даночна пријава/даночно решение, даночен период и сл.).
Уплата од страна на трето лице во случај кога УЈП спроведува присилна наплата на долгот кај даночниот обврзник
Доколку УЈП води постапка за присилна наплата спрема даночниот обврзник, односно доколку трансакциската сметка на даночниот обврзник е “блокирана” врз основа на решение за присилна наплата на УЈП, третото лице е должно да достави нотарски заверена изјава за превземање на долг и УЈП ќе донесе решение за утврдување на даночна гаранција и определување на даночен гарант. За да запре присилната наплата спрема главниот должник, даночниот гарант треба да го преземе и да го плати долгот со допресметана камата до денот на уплата и еднократна такса за присилна наплата.
Даночна импликација која настанува при плаќање даночна обврска на физичко лице од трето лице
Кога правно лице или СВД врши уплата на даночна обврска на физичко лице, ова плаќање ќе се смета за исплатен доход на друг начин кон физичкото лице од страна на правното лице или СВД. Поради тоа правното лице или СВД има обврска за ова уплата односно исплата, дополнително да поднесе е-ПДД пресметка, заради пресметување и плаќање на данок по основ на друг доход на физичкото лице, со друг начин на плаќање. Бруто износот од е-ПДД ќе преставува непризнаен расход за правното лице или СВД и истите треба да ги искаже во Даночниот биланс.
Плаќање по ДЛД-ГДП
Законска основа
Согласно членот 100 од Законот за данокот на личен доход, рокот за плаќање на обврската во потврдената Годишна даночна пријава е до 30 јуни во тековната година, додека рокот за плаќање на данокот по одбиена корекција на ГДП пријава е 15 дена по доставување на решението во кое е утврден износот за плаќање на данокот.
Постапка за плаќање
- Најавете се во Вашиот кориснички профил на страницата е-Даночни услуги (е-ПДД)
- Одберете ја коцкичката (копчето) „Годишна даночна пријава“.
- На копчето „Преглед“, кое се наоѓа најдесно во редот на излистаните ГДП пријави отворете ја соодветната даночна пријава за даночниот период односно година.
- Одберете го копчето „Печати“ кое се наоѓа во долниот десен агол во прегледот на Годишната даночна пријава.
- Испечатете го или точно препишете го налогот за плаќање кој се наоѓа на третата страница од документот или, доколку сте корисник на услугите од еклектронско банкарство, доволно ќе биде да го ископирате фолио бројот кој се наоѓа во полето „цел на дознака“ и да го впишете во налогот ПП53 во апликацијата за електронското банкарство.
ВНИМАВАЈТЕ!
Уплатата нема да биде успешно евидентирана и ќе повлече дополнителни трошоци, доколку:
- не се точно внесени Даночниот идентификациски број на обврзникот (ЕМБГ) и фолио бројот, но и другите елементи од налогот за плаќање;
- друго лице врши уплата во Ваше име и за Ваша сметка, а претходно не сте извршиле промена на налогодавец преку опцијата во е-ПДД „плаќање од трето лице“
Затоа укажуваме дека при рачното пополнување на налогот ПП50, многу е важно точно да ги внесете податоците како што се прикажани на третата страница од ГДП пријавата со цел успешно евидентирање на плаќањето.
Најчести случаи кога ќе ви пристигне известување за долг по Годишна даночна пријава (ДЛД-ГДП), а според вас не должите – како да постапите?
Најпрво, Ве молиме внимателно проверете ја Вашата годишна даночна пријава, за да видите од кој вид на доход произлегува обврската.
Потоа, проверете ги Вашите евиденции за остварен доход и извршени плаќања на данокот и споредете ги со оние од годишната даночна пријава.
Доколку сте лице кое самостојно врши дејност и се оданочува според Даночен биланс, доколку е нешто нејасно, побарајте помош од Вашиот сметководител кој ги поднесува пријавите кои се однесуваат на Вашата дејност.
Причините зошто се јавува долг можат да бидат повеќе. Еве неколку:
- Несоодветно извршена уплата на данокот по претходно поднесена пресметка (за закупнина, за капитална добивка, за доход од странство и слично) – ова значи дека е можно да не сте го реализирале налогот со фолио бројот кој се генерира со поднесување и одобрување на пресметката, кој се наоѓа во копчето “печати рекапитулација” кое е во прилог на пресметката. Во ваков случај пронајдете ја уплатата и обратете се до info@ujp.gov.mk или доколку сте добиле известување или опомена во која се назначени контакт лица до кои треба да се обратите, известете ги за така извршената уплата, со цел од страна на Управата да биде извршено упарување на уплатата со задолжението и потоа да се прегенерира нова ГДП во која плаќањето ќе биде преземено.
- Двојна пресметка за еден ист доход – во ваков случај обратете се до info@ujp.gov.mk или доколку сте добиле известување или опомена во која се назначени контакт лица до кои треба да се обратите, известете дека обврската по пресметката со број xxxxxxxxx е заради двојно пријавување на еден ист доход и дека е потребно да биде сторнирана и потоа да биде прегенерирана годишната даночна пријава заради усогласување на состојбата.
- Данокот веќе еднаш е наплатен во странство, а во пресметката од која произлегува обврската сте пропуштиле да го искажете и да доставите потврда за платен данок од странски даночен орган – обратете се до info@ujp.gov.mk или доколку сте добиле известување или опомена во која се назначени контакт лица до кои треба да се обратите, појаснете дека станува збор за доход за кој данокот е платен во странство и доставете потврда од странски даночен орган. По дополнителни проверки ќе ве известиме дали платениот данок во странство се признава како плаќање во земјава.
- Несоодветно извршена уплата на данокот по годишната даночна пријава – сте платиле но сте направиле пермутација во внесот на фолио бројот во полето цел на дознака или воопшто не е внесен-во овој случај доставете доказ од извршената уплата до info@ujp.gov.mk или доколку сте добиле известување или опомена во кои се назначени контакт лица до кои треба да се обратите, дојавете го до нив, за да се изврши упарување.
- Извршено е плаќање од друго лице во Ваше име и сметка – Доставете ни ги доказите за уплата до info@ujp.gov.mk или доколку сте добиле известување или опомена во кои се назначени контакт лица до кои треба да се обратите, доказот за извршената уплата испратете го до назначените лица.
- Несодветно извршена корекција во Годишната даночна пријава која била потврдена од страна на УЈП – во ваков случај обратете се до info@ujp.gov.mk или доколку сте добиле известување или опомена во кои се назначени контакт лица до кои треба да се обратите, обратете се до назначените лица и доколку сте утврдиле каде е грешката, појаснете ја во вашата порака.
- Без да поднесете аконативна пресметка сте извршиле плаќање на данокот самостојно, па потоа сте ја коригирале Годишната даночна пријава, така што е предизвикана обврска – обратете се до info@ujp.gov.mk или доколку сте добиле известување или опомена во која се назначени контакт лица до кои треба да се обратите, обратете се до назначените лица така што ќе доставите доказ за уплата и појаснување на ситуацијата.
- Несоодветно извршена уплата по обврската утврдена во Даночен биланс за утврдување на годишниот данок на доход од самостојно вршење дејност – Во ваков случај пронајдете ја уплатата и известете ги контакт лицата во опомената или известувањето, доколку сте добиле опомена или известување во која се назначени лица до кои треба да се обратите, или обратете се до info@ujp.gov.mk за така извршената уплата со цел од страна на Управата да биде извршено упарување на уплатата со задолжението и потоа да се прегенерира ГДП во која плаќањето ќе биде преземено.
- Несоодветно пополнето или непополнето поле за платени аконтации на данокот на личен доход (АОП38) во Даночен биланс за утврдување на годишниот данок на доход од самостојно вршење дејност – Контактирајте со Вашиот сметководител за да направи исправка на ДЛД ДБ. Откако ќе ја извршите исправката (или доколку сте ја извршиле претходно), дојавете за стореното до info@ujp.gov.mk или до контакт лицата кои се назначени во опомена или известување (доколку сте добиле), за да прегенерираме годишна даночна пријава заради преземање на исправката на ДЛД-ДБ
- Несоодветно пополнето или непополнето поле за намалување на даночната основа (АОП23) или за намалување на пресметаниот данок (АОП34) во Даночен биланс за утврдување на годишниот данок на доход од самостојно вршење дејност – Контактирајте со Вашиот сметководител за да направи исправка на ДЛД-ДБ. Откако ќе ја извршите исправката (или доколку сте ја извршиле претходно), дојавете за стореното на info@ujp.gov.mk или доколку сте добиле опомена или известување дојавете до назначените лица, за да се прегенерира годишна даночна пријава заради преземање на состојбата од исправката на ДЛД-ДБ.
- Несоодветно извршени плаќања по месечните аконтации на ДЛД утврдени во решение за утрдување на данок според паушално утврден нето доход од вршење самостојна дејност – ова може да значи дека не сте го реализирале налогот со фолио бројот кој се генерира со поднесување и одобрување на пресметката. Во ваков случај пронајдете ја уплата и за така извршената уплата, обратете се до info@ujp.gov.mk или доколку сте добиле известување или опомена во која се назначени контакт лица до кои треба да се обратите, за да од страна на Управата биде извршено упарување на уплатата со задолжението и потоа да се прегенерира ГДП во која плаќањето ќе биде преземено.
- Несоодветно поднесени МПИН пресметки за самовработено лице-самостоен вршител на дејност само за уплата на придонеси, заради што истите се имаат појавено во годишната даночна пријава како плата за која се пресметува обврска за данок – во ваков случај обратете се до info@ujp.gov.mk или доколку сте добиле известување или опомена во која се назначени контакт лица до кои треба да се обратите, обратете се до назначените лица за да биде тргнат податокот кој предизвикува обврска.
- Паушалец сте кој во текот на изминатиот даночен период користел боледување и во периодот додека сте биле на боледување, никој (вработен или лице кое помага) не продолжил да ја работи дејноста – во ваков случај обратете се до info@ujp.gov.mk или доколку сте добиле известување или опомена во која се назначени контакт лица обратете им се, доставете потврда дека сте биле на боледување во периодот.
- Во минатиот даночен период донесено е решение за плаќање на данокот од вршење дејност според паушално остварен нето доход, а сте ја одјавиле дејноста во Централен регистар – Во ваков случај обратете се до info@ujp.gov.mk или до контакт лица доколку сте добиле известување или опомена во која се назначени контакт лицата обратете им се, доставете го решението од Централниот регистар за бришење на субјектот.
Доколку Вашиот случај не го препознавате во горенаведените или не сте сигурни, тогаш обратете се за помош и понатамошни инструкции на info@ujp.gov.mk или во даночните канцеларии на УЈП.
